Интеграцијата на Македонија во Европска Унија и во НАТО секој ден станува се покомплексен проблем за соочување и решавање. Причините за оваа проблематика можеме дa потврдиме дека се сместени во самата територија на државата, но сепак мислам дека постојат проблеми кои се и надвор од нејзините граници. Оваа проблематика придонесува за значително забавување на процесот на постигнување на договор за брза интеграција на Македонија во Европската Унија. Осврнувајќи се на самиот крај би се осредоточила на решавањето на проблемите кои настануваат и оценување на реформниот процес.
Македонија стана независна држава во 1991 година, време во кое Македонија влезе во процес на политичка и економска транзиција кон демократијата и слободната пазарна економија, без историски демократска традиција, без соодветна демократска култура и без искуство со слободната пазарна економија. Под овие неповолни околности три големи идеолошки, етнички и културно антагонистички политички сили предводени од страна на многу млади и неискусни политички елити, се појавија на политичката сцена и започна борбата за доминација. Како резултат на тоа, Македонија не успеа во транзицијата кон вистинската демократијата. Како друга причина би ја навела и добро познатата проблематика на Македонија со нејзиното име, признавањето и идентитетот. Ирационална политика на Грција во регионот е и најголемата пречка за патот на Македонија кон Европската унија. И тоа не е името кое што претставува проблем. Барањата на соседна Грција се големи, каде што во одредени рамки го нарушуваат суверенитетот на Македонија како независна демократска држава. Во целовкупното истражување за Евроинтеграцискиот процес на Македонија можам да кажам дека овие внатрешни и надворешни актери играат голема улога во унапредувањето и на некој начин уназадувањето на истите тие процеси. Како резултат на моето истражување условите кои ги наметнува ЕУ за интерационен процес се: стабилни институции кои гарантираат демократско владеење на правото, почитување на човековите права и заштита на малцинства, функционална пазарна економија која би имала сила за да го издржи притисокот на конкуренцијата, способност за исполнување на обврските кои следуваат со самото членување, јавната администрација да го имплементира европското законодавство и др. Сите овие услови би играле важна улога за интеграционите процеси. Покрај веќе споменатите услови, тука ќе ги додадам и институциите кои се споменуваат за имплементација или интеграција на Македонија во ЕУ и тие пред се дел од политичката сцена и дел од обврските. Во однос на извештаите од страна на Комисијата можеме да кажеме дека извештаите издадени во 2008 година, 2009 година покажуваат напредок во работата на Македонија во областа на интеграциите и статусот на реформите, додека пак ако го погледнеме извештајот во последните две години покажува доста застрашувачки резултати и тоа корумпираност и неисправност во судскиот систем на Македонија, што би претставувало загрижувачки коментар, бидејќи основното спроведување на правото и правната заштита се на ниско ниво. Европската комисија континуирано го известува Советот на Европската унија и Европскиот парламент за напредокот на процесот на преговарање, а извештаите на земјата кандидатка и служат како своевидни упатства за квалитетот на подготовката за членство во ЕУ. Европска Унија им порача на политичките лидери да го имплементираат во целост договорот од Пржино, да покажат политичка волја и да обезбедат целосна независност во судството, како и да и обезбедат непречена работа на специјалната обвинителка која ќе работи на истрагата на материјалите од прислушувањето и содржината кои тие ја имаат, за да се решат настаните и проблемите кои се појавија во текот на оваа година и целосно ја разнишаа стабилноста во државата.
Покрај сѐ останува потребата на Република Македонија и понатаму успешно и упорно да се бори, да се стреми кон реализација на зацртаните цели, за да не остане во изолација. Во секој поглед Република Македонија треба доследно да ги продолжи сите политики на развивање и регионална соработка, преку создавање на услови за сѐ поинтензивно економско поврзување, јакнење на политичката соработка и соработка во сите други сектори, особено во заедничките проекти во рамките на интеграцијата на земјите од регионот во Европската унија. Потребни се и услови за континуирано приближување и усогласување на нејзините надворешно-политички и безбедносни активности во координација со оние на Унијата, засилување на борбата против организираниот криминал, корупцијата и сивата економија, праведност во судството, намалување на невработеноста, зголемување на можноста за странски директни инвестиции, унапредување на човечкиот капитал.
Викторија Богдановска (студентка на Јавна Администрација)
Leave a Reply