Дали со правилно организациско однесување може да се подобри реномето на една компанија?

Успешноста на една организација зависи од бројни фактори, меѓу кои најмногу се истакнуваат севкупниот менаџмент, менаџментот на човечки ресурси, но и организациското однесување внатре во организацијата.
Однесувањето на луѓето во организацијата може да се мери преку многу фактори, но предизвик е тоа што секој човек се однесува специфично, па така однесувањето на луѓето не секогаш може во потполност да се предвиди, анализира, разбере и контролира.
Организациското реноме, и воопшто, развојот на организацијата во професионална смисла се возможни само ако постои професионален однос кон организацискиот развој и однесување.
Со цел овие тврдења да се утврдат во пракса, во соработка и под менторство на Проф. Др. Гадаф Реџепи, спроведов истражување на тема: “Дали со правилно организациско однесување може да се подобри реномето на една компанија?”. Истражувањето беше спроведено во текот на месеците Октомври и Ноември 2020 година, на територијата на град Тетово, Скопје и Гостивар.
Преку анонимен анкетен прашалник во електронска форма, добиени се информации од 67 испитаници: ученици, студенти, вработени и невработени лица. Најголемиот дел од нив беа на возраст 19-29 години, притоа студенти и вработени лица.
Од испитаниците беше побарано да дадат мислење за: улогата и влијанието на менаџерите и вработените врз организациското однесување и факторите кои влијаат врз истото, колку врз нивните одлуки влијаат промените во организациите, како и кои конкретни фирми може да се наведат како фирми со солидно организациско однесување.
По извршената анализа на добиените резултати, добиени се неколку заклучни согледувања:
1. вработените, заедно со менаџерите ја играат клучната улога во подобрувањето или влошувањето на организациското однесување во компанијата;
2. тимската работа и бизнис комуникацијата се едни од клучните фактори за добра организациска клима;
3. правилното организациско однесување ги намалува конфликтите во организацијата и овозможува нормален тек на работата;
4. одреден „неформален дрес-код“ може да ја подобри сликата за компанијата и да овозможи таа да изгледа озбилно пред клиентите;
5. однесувањето на вработените и менаџерите има голема улога врз изборот добра/ услуги/ соработници кај клиентите;
6. позитивните промени го зајакнуваат и подобруваат реномето на компанијата и
7. според испитаниците, едни од фирмите со најдобро организациско однесување се: Прима мебел, Ecolog Internationals, Нептун, АД Пивара Скопје и Coordea.
По добиените знаења и резултати, како во теорија, така и пракса, може да заклучиме дека несоодветното организациско однесување и токсичната клима и култура во организацијата се лоша енергија која се манифестира и надвор, со што се создава лоша слика за компанијата. Од друга страна, „невидливо злато“ за организацијата е нејзиното добро реноме, добриот имиџ, стекнат со напорна и посветена работа.

Марија Арсиќ
Студент на III година ФБЕ/ Менаџмент и маркетинг