Владимир Наумовски – “Кул е да си на Штул!”

Во годината 2002-ра, после завршување на средното образование во едно турбулентно нестабилно кризно време како млад човек што допрва треба да се гради и образува, беше многу недефинирано и несигурно што ќе биде следното образование, каде понатака ќе се студира!?
Од претходните посети на универзитетите во државата и од искуствата кои имав прилика и лично како гостин, набљудувач да ги видам, воопшто не беше лесно да се прифати таа мрачна атмосфера и сивило низ ходниците на старите згради кои го изгубиле сјајот и светлото низ времето, згради низ кои може да се видат траги на една транзиција која оставила мирис на влага и низ кои потешко може да се чуе ехото на едно убаво време. Во изборот на средното образование доста ограничено како народ во толпа се запишав во Гостиварската гимназија на таканаречениот “Природно математички смер” каде имаше некаква надеж дека ќе се сретнам со наука и образование кое ќе биде предизвик за мене. Во изборот на факултетското образование во државните универзитети очекувањата се дека има поголем избор и дека сега одлучуваш сам и мора да се избере правиот пат. За жал искуството од начинот на одвивање на средното образование и фактот дека нереформираното високо државно образование е реалноста од која неможе да се избега, сето тоа те фрлаат во една тага и безизлезност каде единствен спас е да ја напуштиш државата и да тргнеш во дивата туѓина во потрага по соодветно образование и подобар живот. Во тоа време доста мои пријатели, млади луѓе се одлучија да тргнат по тој пат.
Јас во тоа време се наоѓав на еден крстопат со многу искушенија, нејаснотии, со многу прашања без одговори но со едно единствено имав целосно расчистено, а тоа беше дека нема сигурно да се запишам на ниеден државен универзитет во државата таква каква што беше во тоа време. Како единствена малце со надеж и светлост опција беше новоотворениот приватен “Универзитет на Југоисточна Европа” – “Штуловиот Универзитет во Тетово” кој во 2002 година ја произведе првата генерација студенти кои завршија 1-ва година.
Едно убаво летно утро за прв пат стапнав на универзитетот, концептот на институцијата не беше дефиниран како една голема зграда во која има училници, прозори и намрштени професори, универзитетот беше светол отворен изграден како кампус со повеќе мали шарени зградички поврзани со патеки, многу зелена трева и млади дрвца. Првиот контакт со администрацијата и професорите преставуваше еден опуштен и прецизен разговор кој целосно ја доби мојата доверба и со сигурност фрли една светлина на целата таа испреплетеност со искушенија, нејасни прашања. Тоа беа моменти кога крстопатот почна да добива насоки на движење и траса за моето идно образование.
Академската година може да почне.
Во октомври 2002 година како втора генерација на универзитетот се запишав на “Факултетот за компјутерски науки и комуникации” почнаа првите студентски денови, првите контакти со студенти кои стануваат твои колеги, пријателства со личности од повеќе градови и националности, една прекрасна разноликост која почна со меѓусебно разбирање и продолжи во соработка помагање и надминување на проблемите и задачите кои доста интересно и со нетрпение ги очекувавме од професорите. Тоа беше поразлично конципирано образование од она што сме навикнале да го следиме, тоа беше дефинитивно позитивно подобро искуство каде не си само обичен ученик-студент кој мора дома со страв да учи и на факултет да одговара пред немилосрдните професори кои строго те демнат. Тоа на “Штуловиот” универзитет не беше така!
Со сите свои пропратни нагледни средства, одлична библиотека, интересни предмети, нови науки, пристап до интернет, персонализиран пристап до компјутер и пријатна атмосфера студирањето на “Универзитетот на Југоисточна Европа” преставуваше вистинско задоволство. Сите предмети беа одлично покриени со пракса и практика, методот на учење во кои целокупната оценка се состои од вкупен збир на домашни задачи, активност, презентации, изработка на проекти и се разбира полагање на колоквиуми и испити, го држат студентот во една постојана работна кондиција. Ова е одлично доколку се земе предвид дека е невозможно “кампањско учење” каде студентите ги нема никаде цела година и доаѓаат само на полагање на испити. Исто така доста за поздравување беа и изборните предмети кои ги имаше секогаш на избор, доколку самите студенти побараа одреден изборен предмет секогаш се настојуваше истиот да се овозможи, за него да се најдат соодветни предавачи и слично. Системот беше замислен така што уште во текот на студирањето да понуди и овозможи одредени насоки на студентите со цел нивна специјализација во понатамошниот работен век. Тоа значеше дека секој ќе може да се насочи во областа која смета дека за него е најсоодветна и понатака тоа да го надградува.
Што се однесува до забавниот живот и времето за одмор тука секогаш беа спортските игри, летните школи и разните забави кои се организираа во кампусот на универзитетот.
Што после факултет!?
Уште во текот на студирањето секогаш со цел стекнување навика и искуство бев работно ангажиран во неколку приватни компании кои се бават со дејности од IT сверата. Како прва посериозна работа беше моето ангажирање како дизајнер и одржување на системите во регионалниот весник за Тетово и Гостивар – “Монитор”, потоа се вработив во IT секторот на “Управата за Јавни Приходи” во Скопје како систем инженер и мрежен администратор. Во моментов работам во IT секторот на Клириншки Интербанкарски системи – КИБС А.Д. Скопје на позиција систем администратор.
Морам да признаам дека за сите мои достигнувања има голема улога иницијалното образование кое го стекнав на “Универзитетот на југоисточна Европа”. Со еден збор целокупното студирање на беше едно добро искуство кое на секој млад човек му дава шанса да ги испроба своите вештини и капацитети. Дефинитивно овој универзитет со својот метод и начин на функционирање е искуство кое секогаш е за позитивна препорака.